Kазна од 45 евра ако возите без зимски гуми

Од денеска почнува да важи задолжителната обврска за носење зимска опрема во возилата која ќе трае до 15 март.

Возачите кои нема да ја почитуваат оваа обрска, ќе бидат казнети со 45 евра во денарска противвредност или со 25 негативни бодови. 

За да се обноват потрошните автоделови потребни се од 1.000 до 3.000 денари. Оваа сума драстично се зголемува ако треба да се купат нови зимски гуми со длабок профил, кои чинат од 200 до 500 евра, во зависност од квалитетот, а во некои сервиси за соодветна доплата може летните пневматици да се остават на чување во т.н. хотели за гуми.

За промена на сите гуми потребни се од 12.000 денари, па до 25.000 денари и нагоре, за промена на сопирачките наплатуваме 500 денари. Во овој период од годината возачите, покрај пропишаната зимска опрема, бараат да купат и мала лопатка или четка за чистење снег, ракавици и крпа за бришење замаглени стакла.

Во Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) посочуваат дека сите возачи од 15 ноември до 15 март идната година, без оглед на надворешните временски услови, се должни да имаат во автомобилот соодветна зимска опрема.

Под зимска опрема за возила чија тежина не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина од 4 милиметри на шарите на слојот што гази. Ако возилото има гуми со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите од најмалку 4 милиметри, тогаш мора да има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала .

Ова се однесува на патничките автомобили, а возилата со погон на четири тркала треба да имаат зимски гуми на сите тркала со минимална шара од 6 милиметри или летни пневматици со длабочината на шарите од 4 милиметри и синџири за снег. Автобусите и товарните возила, покрај оваа опрема, мора да имаат уште и лопата. АМСМ овозможи бесплатна зимска контрола на возилото за своите членови во периодот од 15 ноември до 15 декември. Таа вклучува проверка на антифриз, масло, сопирачки и глицерин, осветлување, акумулатор и превентивен технички преглед, кој опфаќа проверка на амортизери, предница и на возна постројка.