Како ќе изгледаат новите електрични автобуси на ЈСП?

Електричните автобуси ќе пристигнат во Скопје. Нивната набавка ќе се врши наредната година, за што конкурсот е веќе распишан. ЈСП има потреба од вкупно 50 автобуси, од кои 30 ќе бидат минибуси, додека останатите 20 ќе бидат дупли, односно „хармоника“ автобуси со капацитет од 150 патници. 

Последниот новитет на пазарот на електронски автобуси, сосема случајно во исто време го објави и кинеската компанија BYD. Од компанијата го именуваат К11, додека за пазарот во Европа официјалното име е едноставно eBus. Со капацитет од 150 патници, воедно е и најголемиот електричен автобус во светот, долг 18,1 метри. Го придвижуваат два електро-мотори со силина од 150 kW, на батерии со капацитет од 270 kWh. За батериите, од кинската компанија се толку убедени во нивната ефикасност, што даваат гаранција на дури 12 години. За нивно полнење потребни се само 3 часа, за да со полн капацитет автобусот може да измине 170 километри. 

Цената, засега не е позната, но познавачите на пазарот на автобуси велат дека неговата цена е речиси 100 000 евра повеќе во однос на неговиот дизел-близнак. Орјентационо, може да се спомене дека градот Лондон, набави 51 ваков автобус за потребите на тамошното сообраќајно претпријатие по цена од 19 милиони фунти. 

Компанијата BYD е светски лидер во производството на е-автобуси, за што говори фактот дека ланската година ја заокружија со продадени вкупно 7 500 примероци, додека оваа година ги пречекаа повеќе од 6 400 нарачки. Што се однесува до производните капацитети, тие веќе планираат да инвестираат 20 милиони за изградба на фабрика во Унгарија, каде ќе се произведуваат 200 автобуси годишно.