Кафе на отворено во кафулињата може да пиете и без вакцинален сертификат

Владиниот кризен штаб за борба против коронавирусот на денешната седница, покрај прифаќањето на препораката за укинување на обврската за носење маски во наставата во основните училишта, донесе и две одлуки кои се однесуваат на антиепидемиските мерки во угостителските објекти.

Кризниот штаб одлучи да ѝ предложи на Владата да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 отсто да се зголеми на 75 отсто со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од ковид.

Прифатен е и заклучокот на Комисијата за заразни болести Владата да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од ковид-19.