Јакимовски ги спореди зградите што треба да се градат во Карпош со облакодерите во Дубаи, Торонто и Чикаго

Иако граѓаните на Карпош јасно ставија до знаење дека не сакаат нова бетонизација во нивната општина градоначалникот Стевчо Јакимовски не се откажува од идејата да го истурка овој проект.

Тој направи прес конференција во близина на штабот на ВМРО-ДПМНЕ каде истури еден куп обвинувања до оние кои му помогнаа да ја добие градоначалничката фотеља во Карпош.

- Ние сите се сеќаваме на едно мало жолто зградиче на два ката со мало дворче, а гледате ли сега во какво бетонско чудовиште се изроди штабот на ВМРО-ДПМНЕ? Малку им беше чудовиштето, па изградија и кула, што би рекол Кочо Рацин: „За себе банки дигнаа палати и кули тенки високи“, рече Јакимовски.

Понатаму во своето излагање го објасни проектот каде тој вели дека ќе опфаќа фантастични 80% зеленило и дека целиот тој простор ќе биде хуманизиран со огромен број на паркинг места чија бројка би изнесувала дури 2500. Но она што го спомена дека таму би имало дури 1500 станбени единици што во принцип е најголемиот проблем на околните жители.

- „Тоа ќе се нови објекти, современи, како што има во Чикаго, Дубаи, Торонто, Виена, Софија, Белград. Станува збор за површина на која ќе доминира зеленилото, кое ќе опфаќа 80% проценти од вкупната површина. Значи ќе биде еден од најхуманите и најзелените простори во Скопје. Токму поради самата конфигурација на теренот на кој ќе доминира зеленилото, максималниот број на станбени единици/жители е 1.500. Со тоа се води грижа да не се доведе до вештачка пренаселеност во општината" кажа Јакимовски

Но жителите не се согласуваат со Јакимовски. Тие велат дека ако ова се изреализира тогаш на тој простор навистина би дошло до огромна пренаселеност. За ваквото нивно тврдење доволно е да се видат бројките на станбените единици кои според Јакимовски би биле 1500 а на тоа би се додало во просек по 4-ца лица и ќе се дојде до една фантастична бројка од дури 6000 лица.

На овој начин би дошло до преоптоварување на целиот тој дел, а да не збориме за притисокот кој би се појавил врз локалните улици, школите, градинките па дури и врз здравствените установи на територијата на општина Карпош.