Драмски театар гостува во Градско позориште Подгорица со претставата „Мојот маж“

Драмски театар  Скопје со претставата „Мојот маж“ утре гостува во Градско позориште во Подгорица, Црна Гора.

Во организација на Градско позориште Подгорица, од вчера до 24 април се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Претставата „Мојот маж“ , како што е наведено во соопштението од Драмски театар, е колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози. Режисер е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф на претставата е Роза Трајчевска – Ристоска, сценограф Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.

Во пресрет на ова гостување потсетуваме дека во рамките на фестивалот РУТА, со изведбата на „Мојот маж“ театарот гостуваше на сцената на Местно гледалишче Љубљана во 2022 година, каде имаше извонреден прием кај словенечката публика.

Драмската структура на театарската претстава Мојот маж е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа драматизацијата на шесте раскази (Супа, Празно гнездо, Прељубник, Осми март, Гени и Лиле) и документарениот материјал произлезен од авторските монолози. Дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел со авторските монолози тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности. Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, сеуште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото.

Премиерата на „Мојот маж“ беше во февруари 2020 година, и досега има 23 изведби.