Маја Вељковиќ-Пановска е нов в.д. директор на Драмски театар Скопје

Актерката Маја Вељковиќ-Пановска е нов в.д. директор на НУ Драмски театар Скопје (ДТС). Доаѓа на местото на досегашната директорка Катарина Коцевска-Хаџи Василева која, како што соопшти ДТС, се повлекува од лични причини.

Маја Вељковиќ-Пановска дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1993 година, има остварено повеќе улоги на сцените на повеќе театри низ земјава, а во Драмски е вработена од 1999 година. Покрај театарски улоги, има учествувано и во филмови: „Последниот фалцер“ (2000); „Големата вода“ (2004); „Бардо“ (2012); „Незрели цреши“ (2015).

Добитник е на наградата „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер за улогата на Жената во претставата „Духот на лименката” на фестивалот „Војдан Чернодрински “ во 1999; а на овој фестивал во 2002 ја добила и Наградата за епизодна улога „Димче Трајковски“ за улогата на Маре во претставата „Тетовирани души“.

-Со своето богато професионално искуство, Маја Вељковиќ-Пановска несомнено ќе даде значителен придонес во реализацијата на програмата за работа и унапредување на театарската дејност во националната установа.Колективот на Драмски театар изразува благодарност на досегашната директорка Катарина Коцевска Хаџи Василева која од вработувањето во 1983 година е член на ансамблот на Драмски театар Скопје, наведува ДТС во соопштението.