Демократското движење: Депонијата „Дрисла“ е вистинска еколошка бомба

Депонијата „Дрисла“ претставува јавен еколошки и здравствен проблем, реагираат од Демократското движење. „Дрисла“, велат од таму, веќе 30 години функционира без да ги исполнува потребните еколошки критериуми во согласност со Законот за заштита и унапредување на животната средина и Законот за менаџирање со отпадот, а де не зборуваме за современите европски стандарди.

„Едноставно, тука имаме една примитивна депонија, една површина или огромна дупка од 76 хектари, каде што годишно се фрлаат околу 200.000 тони комунален, индустриски и медицински отпад, како и друг вид отпад со висок ризик на инфективност и канцерогеност.
Ова ја прави депонијата „Дрисла“ една вистинска еколошка бомба. Со други зборови, тука имаме постојано опасно загадување на почвата, водата и воздухот, што е потврдено и Државниот инспекторат за животна средина. Оваа состојба постојано го загрозува и го оштетува здравјето на над 50 илјади жители на Батинци (на растојание од 500 метри) и другите населени места во регионот на Каршијака, населбата Драчево и пошироко. Истовремено, емитувањето на отровните гасови (CO, SO2) што се ослободуваат при согорување на медицинскиот отпад влијае на високиот степен на загадување на воздухот не само во Батинци туку и во градот Скопје и пошироко“, појаснуваат.

Како последица, додаваат дека во овие населени места има зголемена стапка на заболени од канцерогени и тешки хронични респираторни заболувања, кои често се смртоносни за локалните жители.

„Жителите на Батинци, општина Студеничани, наместо да ги почувствуваат бенефитите што им се ветувани на времето кога е инсталирана депонијата ‘Дрисла’, во почетокот на 90-тите години, напротив, нивната согласност за депонијата тогаш ја плаќаат со здравје, дури и со живот денеска.
Да не заборавиме дека ресорот животна средина (Министерството за екологија) од 2008 до оваа 2023 година е предводена од кадри на партијата на власт – ДУИ, кои, и покрај уставната, законската и моралната обврска, не направија ништо за да се спречи оваа еколошка катастрофа.
Голема одговорност за оваа состојба има и Град Скопје, кој од 2012 година, преку промоција на проекти за јавно- приватно партнерство ветуваше милионски инвестиции за модернизација на депонијата „Дрисла“. Но, до ден-денеска, освен сериозни сомненија за милионски бизнис со отпад во „Дрисла“, нема ништо од тие проекти“, се истакнува во соопштението од Демократското движење.

Оценуваат дека долгорочно решение би било само модернизација на депонијата „Дрисла“ – изградба на фабрика за селектирање, обработка и рециклирање отпад, како и систем за соодветно третирање на медицинскиот отпад и вградување филтри за отровниот екстракт и мерна станица за мониторирање на загаденоста на воздухот.