Демократски е ставот на Заев за одбрана на Анѓушев, но Ковачевски ги охрабри институциите да постапат и да побараат информации од САД

Одбраната од експремиерот Зоран Заев за поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев откога САД го стави на црна листа, сегашниот премиер Димитар Ковачевски вели дека е легитимен и демократски став. Тој не сакаше да го коментира ставот на Заев и влијанието на тој став врз партијата СДСМ, но ги повика домашните институции, доколку сметаат дека е потребно, да побараат информации од институциите во САД.

„САД се наш стратешки партнер. Тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури кои се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам ниту пак имам информации. Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни, не би можел да дадам дополнителни коментари. Сепак се работи за одлука на САД. Имаше и брифинг од нивата амбасадорка во Скопје. Она што останува е согласно нашите процедури во Северна Македонија, од наши институции, доколку сметаат дека има потреба да можат и да побараат информации од институциите на САД во однос на процесите кои тие ги водат“, рече премиерот Ковачевски по промоцијата на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните (1948-2023)“.

Реакција од домашните институции за Анѓушев побара и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа во ставањето на Анѓушев на црната листа не гледа задна намера од САД туку смета дека е порака доашните институции да направат дополнителни проверки.

Во одбрана на Анѓушев отворено застана само поранешниот премиер Зоран Заев. Тој пред два дена и се спротивстави на американската амбасадорка Анџела Агелер и во писмо до медиумите кажа дека Кочо Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе во Владата во периодот додека тој бил премиер.

САД на почетокот на месецов ги стави на црна листа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, неговата сопруга и двете деца поради значителна вмешаност во корупција. Амбасадорката Агелер, пак, оваа недела, на брифинг со неколкумина новинари, кажа дека за Анѓушев имаат цврсти докази во повеќе случаи и најави дека на листата ќе се најдат нови лица од Македонија. Агелер рече дека во земјава има епидемија на корупција, но изостанува реакција кај судската и извршната власт.