Боки 13: Заев комуницираше директно со сите лица кои беа кривично засегнати во постапките на СЈО

Бојан Јовановски- Боки 13 денеска во Основниот кривичен суд поднесе барање за повторување на кривичната постапка под името „Рекет“. Како што кажа и тој самиот овој случај не е расчитен и сите инволвирани треба да одговараат за конечно јавноста да дознае што се случувало со парите.

Боки 13 кажа дека поседува и цврсти докази кои наскоро ќе ги приложи, посочувајќи го експремиерот Зоран Заев дека е човекот кој комуницирал директно со сите лица кои биле кривично засегнати со постапките на СЈО.

„Обвинителката Вилма Русковска презентираше само две-три пораки кои сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие две-три пораки излегува дека Зоран Заев знаел за случајот „Рекет“, но во една позитивна афирмативна смисла, односно дека тој е човекот кој го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не е човекот кој го бранел законот. Значи, Зоран Заев беше човекот кој комуницираше директно со сите лица кои беа кривично засегнати во постапките на Специјалното јавно обвинителство. Зоран Заев беше човекот кој во позиција на моќ имаше реален авторитет и можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки“ изјави Бојан Јовановски.

Тој откри дека притисоци му биле вршени и во пресрет на денешната прес-конференција, но како што рече, воопшто не се плаши и ќе продолжи и понатаму да зборува.