Делегација на ЕУ: Македонија да ги почитува меѓународните договори, признавањето на пасошите е работа на секоја членка одделно

Важно е Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор, нагласува Делегацијата на Европската Унија во земјава за МИА. Од таму додаваат дка признавањето на патните исправи е работа на секоја држава поединечно.

- “Важно е Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите за замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Потсетуваме дека признавањето на патните исправи издадени од трети земји е во надлежност на секоја земја-членка одделно, се наведува во одговорот на Делегацијата на ЕУ. 

Македонија досега доби официјално известување само од Швајцарија дека е дозволено движење со важечки пасош со старото уставно име. Македонските државјани засега немаат проблеми за влез во Хрватска, а хрватската амбасадорка Нивес Тигањ на средба со техничкиот министер за внатрешн работи Панче Тошковски во понеделникот изјави дека Хрватска има разбирање за проблемот и дека македонските државјани имаат непречено движење на хрватската територија и со старите обрасци на патни исправи доколку истите имаат рок на важност. Од БиХ е испратен официјален допис дека дека не го признаваат пасошот без новото име. Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев информираше дека разговарал со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Нешиќ, при што договориле македонските граѓани да може да патуваат таму со лична карта, со старото уставно име.

Амбасадорот на Белгија за Северна Македонија, Фредерик Мерис во интервју за „Независен“ објавено на 11 февруари најави дека работна група во ЕУ ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Договорот од Преспа, според која од 13 февруари сите пасоши мора да го содржат името Република Северна Македонија. Тој додаде дека ЕУ треба да има заедничка позиција околу тоа како ќе се имплементира целата оваа работа со пасошите.

-“Не знаеме се уште како Белгија ќе ја имплементира промената и како ќе ги третира вашите граѓани без валиден пасош, се уште немаме конкретен одговор на тоа. Сепак, тоа е дел од одговорноста на претседателството на ЕУ. Ние ќе имаме состанок на почетокот на неделава што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања  и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да поминуваат низ Унгарија и низ Србија, а Австрија да има друга позиција - тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Така што, во основа, да, ние мора да имаме повеќе јасност идната недела околу ова прашање“, изјави тогаш Мерис.