Дали ви недостига човекот или само сеќавањето на него?

Единствената сигурна работа поврзана со животот е дека тој е во постојано движење: проаѓаат денови, се менуваат годишни времиња, луѓето доаѓаат и си заминуваат од нашиот живот. Понекогаш животот ни ги одзема, понекогаш тие самите избираат да заминат. А можат да си заминат и на најлоши можни начини: без најава, без објаснување, без зборови, но истовремено, постојат ситуации кога луѓето си заминуваат затоа што така е подобро.

Затоа што, да бидеме искрени, постојат личности без кои ни е подобро. Тие едноставно внесуваат само негативност во вашиот живот. Постојат голем број на разни плитки фрази кои луѓето ќе ги изговорат, со кои ќе го потврдат она што веќе сте го знаеле, како: „Подобро ти е без него“, „Не те заслужуваше“, „Се обложувам дека му е жал што те изгуби“…

Всушност и не е важно дали се вистинити овие изјави, затоа што на крајот, кога некој си оди, посебно ако така е подобро, вие не сте окупирани со тоа што чувствува другата личност, туку со тоа што чувствувате вие. И на тој начин ви недостига личност која не ни заслужува да ви недостига.

Постојат милион причини зошто сакаме некого: заради нивниот поглед кога ќе се разбудат наутро, заради сигурност и удобноста која ни ја даваат, заради нивниот поглед кој продира во нашата срж. Причините поради кои некој ни недостасува воглавно се поврзани со причините поради кои некого сакаме: заради доброто чувство кое ни го предизвикувал и заради сеќавањата од кои не сакаме да се откажеме.

Кога ќе не напушти некој кој лошо се однесувал кон нас или кој не повредил, емотивно или психички, се создава некој облик на прекинување на врската помеѓу мозокот и срцето и често тоа може да биде многу збунувачки.

Како е можно да ви недостига некој кој во вашите сеќавања е поврзан само со патење? Тогаш мозокот ја презема главната улога и тогаш се прашувате: „Зарем сум толку збунета што навистина сакам да се вратам во периодот кој ме уништуваше“? А срцето, колку што знаеме, нема едноставен одговор за ова прашање.

Можеби ви недостига некој кој не би требало да ви недостига, затоа што сакате да знаете дали тој еден ден би можел да биде подобра личност,  да ве сака онака како што вие него сте го сакале, да ви покаже дека се грижи за вас онака како што вие сте сакале. Можеби сте толку поврзани со тие неколку убави сеќавања, што тие станале чамец за спасување во океанот полн со разочарувања.

Важно е да запаметите дека чувството дека ви недостасува некој кој ве повредил не ве прави мазохист и дека заради тоа не сте поинаква личност. Во суштина, тоа само уште повеќе го истакнува фактот дека вашата љубов била предобра за него.

Затоа допуштете си себеси да ви недостига некој. Иако тоа не го заслужува. Нека ви недостига, затоа што без оглед на тоа дали сеќавањата се добри или не, тој бил реален дел од вашиот живот.

Нека ви недостига. Дозволете тоа сеќавање да биде поголемо отколку што тој некогаш бил.