Бандери паѓаа каде стигнат, снегот направи тотален хаос, ЕВН со полни раце работа викендов

Екипите на ЕВН викендов цела ноќ работеа на отстранување на дефектите на терен во екстремни временски услови.

„Екипите на Електродистрибуција од цела Македонија ја поминаа ноќта на терен санирајќи дефекти во многу лоши теренски и временски услови. Тие се уште работат на отстранување на вчерашните и ново настанатите дефекти од утринава. Оваа кризна состојба налага соодветна реакција од нашата компанија и затоа во вакви услови се користат апсолутно сите мобилни екипи на располагање.

ЕВН воедно вложува енормни напори да се отстранат и дефектите кои се појавија во непристапни места, каде што екипите на Електродистрибуција физички не може да стигнат поради лошите теренски услови. Обилните врнежи од снег предизвикаа голем број дефекти на среднонапонска и нисконапонска мрежа. Жители од повеќе населени места останаа без снабдување со електрична енергија“, велат од компанијата.

Вчера во Македонија падна првиот снег кој предизвика вистински хаос. Возачи со часови останаа заглавени на патиштата оти не беа исчистени, а со часови неколку села останаа без струја.