Арсовска на увид: Се гради водоводна мрежа во Чучер Сандево

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска со екипи од скопските јавни претпријатија денес извршија увид во градежните работи на проектот за изведба на водоводна мрежа на потег од 1 километар на улицата Бел Камен во Чучер Сандево, проект кој се реализира со меѓуопштинска соработка.

- Со реализацијата на овој проект се решава горлив проблем на жителите на општина Чучер Сандево, чии потреби повеќе од 30 години беа заборавени, а барањата игнорирани. Поради старата и дотраена водоводна мрежа во овој дел жителите се соочуваат со чести дефекти, а со поставувањето на оваа нова мрежа се врши и преповрзување на постојните објекти, односно на 110 приклучоци, со што обезбедуваме поквалитетен живот на нашите сограѓани, велат од Град Скопје. 

Градежните активности на терен опфатија реконструкции на 10 улици краци на улицата Бел Камен кои припаѓаат на територијата на општина Чучер Сандево од кои 8 се веќе завршени, а со оваа инвестиција се обезбедува напуштање на досегашната водоводна мрежа која е несоодветна и со незадоволителен профил.

- Градот Скопје континуирано работи на подобрување на водоснабдувањето согласно ветените проекти од програмата „За модерно Скопје“, каде што решавањето на овие предизвици е еден од приоритетите, посочија од Град Скопје преку писмено соопштение.