Арсовска: Градот е презадолжен, централната власт требала да превенира при поскапувањето на парното и струјата

Град Скопје би помогнал секому, но буџетот е оставен во очајна состојба. Заглавен е со проекти за кои се склучени договори кои се повеќегодишни и, за жал, мора да се реализираат и не може да се прекинат. Најголем дел од средствата се веќе однапред определени каде ќе се трошат следната година, рече градоначалничката Данела Арсовска одговарајќи на прашањето дали Град Скопје може да им помогне на граѓаните кои ќе плаќаат поскапа струја и парно греење според најавите за зголемување на цените.

-Мора да бидеме свесни дека градот е презадолжен. Тој дури нема никакви можности за дополнително задолжување. Затоа сметам дека најголем дел од одговорноста треба да си ја понесе централната власт затоа што таа имала удел и можела да ја превенира оваа состојба со која денес сме соочени. Градот не можел да превенира ова да се случи. Сите механизми се во централната власт, таа треба да спречи граѓаните и приватниот сектор, вклучително и општините и јавните претпријатија, да плаќаат толку многу драстично повисоки сметки за електрична енергија, рече Арсовска во гостување во Дневникот на ТВ Сител.