АЛО, БРЗА ПОМОШ? Имам пролив, скарана сум дома, дојдете нема кој да ми свари чај!

Брзо дојдете сварете ми чај, дајте ми апче за главоболка, ми се качи притисокот... добив зголемена температура, уфф - ме боли стомакот - добив циклус, не можам да спијам, ве молам брзо дојдете, дајте ми инјекција... И за овие состојби некои од граѓаните се јавуваат на 194 и, за жал, ги одземаат драгоцените минути на службата, која треба да спасува лица кои ќе се најдат во животно-загрозувачки состојби во кои неретко и секунди решаваат дали некој ќе преживее.

- Ало, брза помош, добив пролив и не ми е добро, а скарана сум со домашните, па дојдете брзо нема кој да ми свари ниту чај - убедуваше женскиот глас од другата страна на телефонот додека д-р Маргарита Трипуновска, објаснуваше дека за вакви ситуации не се праќа екипа на брза помош. Но таа упорно настојуваше некој да дојде.

- Ни се јавуваат и среде ноќ кога не можат да заспијат - дојдете само боцнете ме! Или бараат да интервенираме и за болки при менструален циклус или при проливи како денеска, а ова е, пред се, служба за случаи кога е загрозен животот -  за Дневник, раскажува д-р Трипуновска, која 15 години е лекар во брза помош.

Но затоа на повикот од населбата Лисиче во 11.35 часот веднаш беше упатена екипа.

- Жената помодре, дојдете веднаш, не е добра. Оперираше колк и вчера дојде дома од болница - објаснуваше блискиот од семејството на телефон.

Иако екипата беше упатена на терен во т.н. златни минути, лекарите по половина час известија дека пациентката, за жал, починала, најверојатно од белодробна емболија, според симптомите.Со девет лекарски екипи, вработените во оваа служба настојуваат да одговорат на итните повици на околу 700.000 жители.

- Граѓаните треба да се трпеливи, пред се, и да одговараат прецизно на прашањата што им ги поставуваме. А не веднаш кога ни се јавуваат - во паника ги кажуваат адресата и телефонот и велат „побрзо дојдете“. Знаеме дека од аспект на болниот се може да биде итно! Но ние мора да ги селектираме повиците и затоа прашуваме за симптомите, возраста, што некогаш погрешно се разбира. На поканите од прв ред мора да одговориме и затоа не треба да се губи време на зголемена температура, за лесно зголемен крвен притисок, за главоболка. А ризикот од проценката е наш - ако не проценам добро каде да пратам, а каде не екипа, јас одговарам за тоа. А најтешко ни е за пациент што ќе остане дома, откако сме му укажале помош или сме му дале совет по телефон. Го мислиме постојано - вели д-р Љупчо Пајковски, кој има 30-годишно работно искуство во оваа служба.