Албанската полиција заплени 27.3 килограми марихуана и калашников, крајната дестинација била Македонија

Во две одделени акции албанската полиција уапсила три лица при обид за шверц на дрога и оружје за Македонија.

Според полицијата во акцијата „вреќи“ во селото Рајце, кај Прењас, во близина на Струга, уапсен е Е. А.28) жител на Фуш Круја кој во автомобил „тојота“ превезувал две вреќи со вкупна тежина од 27,3 килограми канабис.

Вториот настан се случил на влезот во градот Елбасан каде се уапсени С. М. (21) и сопатникот А. М.(22), двајцата жители на Дивјак. Во автомобил „ауди“ полицијата пронајде едно парче огнено оружје „калашников“ и 114 куршуми.

Процедуралните материјали се предадени на Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност Елбасан за понатамошни дејствија. Во двата случаи крајната дестинација на заплената била Северна Македонија, стои во полициското соопштение.