Акции и промоции треба да има, сметаат од Организацијата на потрошувачи на Македонија

Веќе неколку денови, односно од минатата среда граѓаните храната ја купуваат по пониски цени. 

Откако владата ја воведе мерката „гарантирана цена“, надлежните се постојано на терен со цел да ги заштитат купувачите од дополнителни малверзации во случаи кога трговците не сакаат да ги намалат цените. 

Досега, поради непочитување на мерката гарантирана цена, затворени се неколку поголеми маркети во Скопје (Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел)ми во Струга. 

- Во повеќе наврати напоменав дека секој мора да ги почитува законите и Одуките на Владата. Исто така, нема да дозволам никој да ги манипулира и доведува во заблуда граѓаните - потрошувачите!, напиша на својот Фејбук профил директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.

Разговаравме со Организацијата на потрошувачи на Македонија од каде велат дека досега нема поплаки во однос на „гарантираната цена“ на дел од производите и, како што велат, со оглед дека оваа мерка ја контролира Државниот Пазарен Инспекторат, можеби потрошувачите директно пријавуваат во ДПИ. 

Од ОПМ сметаат дека Владата не треба да ги ги укине „акциите и промоциите“ низ маркетите. 

- Како што и претходно излеговме со наше мислење, сметаме дека  мерката за забрана на продажба под промоција и акција на производи во маркетите во земјата до 30 ноември, не треба да биде укината, бидејќи на некој начин ги доведува потрошувачите во понеповолна положба, ускратувајќи им го правото на избор на разновидни производи по пристапна цена и преку акциска продажба, бидејќи доколку трговецот веќе постоечки производ со замрзната цена го стави на дополнителна акција, секако тоа ќе биде во полза на потрошувачите, а не на нивна штета, велат оттаму. 

- Исто така за оние производи коишто нема да спаѓаат во категоријата на производи со замрзната цена, добро би било потрошувачот да може да ги купи по акциска намалена цена. Тука ќе ја споменеме и промотивната продажба (промоцијата), којашто е предвидена за ставање во промет на нови стоки или услуги, доколку истата биде забранета, во тој случај се ограничуваат трговците на потрошувачите да им понудат и презентираат одреден нов производ на пазарот по некоја поволна/промотивна цена, додаваат од Организацијата. 

Во однос на работатата на Организацијата за заштита на потрошувачите, ги прашавме на што најмногу се жалат потрошувачите?

- Потрошувачите во изминатиот период се жалеа најмногу на проблеми со купување на производи (конкретно потешкотии со оствaрување на правата од гаранција и сервисирање, продавање производи со дефект вообичаено кај производи од бела техника и техничките производи, проблеми со јавните услуги, како и онлајн купувањето), појаснуваат од ОПМ. 

Потсетуваат дека потрошувачите треба секогаш да бидат внимателни при купување на производи, услуги и склучување на договори со трговците, бидејќи лесно може да бидат измамени и изманипулирани.

- Секако секогаш да бидат свесни за тоа дека постојат потрошувачки права кои им се законски загарантирани и дека трговците се должни истите да ги почитуваат. Доколку се соочат со определен прооблем и прекршување на нивните потрошувачки права, да се охрабрат и да пријават во соодветниот инспекциски орган, појаснуваат од ОПМ. 

Инаку мерката „гарантирана цена“ започна да се применува од 20 овој месец а е предвидено да биде на сила до 30 ноември, со што надлежните очекуваат да се намали инфлацијата на храната од 4 до 5 проценти до крајот на годинава. Но сепак, дел од експертите велат дека мерката нема да ги даде очекуваните ефекти токму поради тоа што е со краток временски период.