Од полноќ поскапуваат дел од горивата

Дизелот и Екстра лесното масло за домаќинството од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден денар по литар, цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за половина денар по литар, додека цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,1 отсто, велат од РКЕ.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 76 денари за литар, Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе се продава за 75, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 за 87,5 денари за литар. Цената на ЕУРОСУПЕР БС – 95 и натаму ќе остане 85 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 0,683 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,459 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 0,221 отсто, кај дизелот за 2,056 и кај екстра лесното масло за 2,473 отсто, додека кај мазутот има зголемување за 1,402 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,464 отсто.