Стара чаршија: „Гипс Имобилија“ зема мерки за дрвените излози на дуќаните

Здружението на еснафи на Старата чаршија „Еснаф“ ја избра фирмата-изведувач за конзервација, санација и адаптација на излозите и натписите на првите девет дуќани.

Претседателот на „Еснаф“, Бејтула Морина, информира дека фирмата „Гипс Имобилија“ од Скопје е задолжена да ги изведе градежните зафати и со неа е склучен договор вреден 2,6 милиона денари, односно околу 42 илјади евра, за деветте излози.

- Оваа фирма ќе изработи дрвени излози. Се спроведуваат подготвителните работи, се земаат мерки, а за 10 до 15 дена, тие би требало да бидат готови – вели Морина.

Според раководителот на секторот за туризам во Министерството за економија, Беким Хаџиу, втората фаза од унификацијата на дуќаните ќе ја преземе Министерството, а во неа ќе бидат опфатени 51 објект.

- Работиме на собирање на техничката спецификација и дозволите од Kонзерваторскиот центар - Скопје, бидејќи беа добиени дозволи само за првите девет дуќани. Се надеваме дека во текот на наредната недела ќе го распишеме огласот за фирма-изведувач - потенцира Хаџиу и додаде дека за целиот проект за сите 60 дуќани се планирани 500.000 евра, а обновата треба да заврши до крајот на март.

На дуќаните ќе им се сменат излозите, прозорците, ќе се постават нови тенди и ќе добијат двојазичен натпис. Ќе се обноват дуќаните во делот од главниот влез од страната на Бит-пазар до другиот влез кај Детскиот театарски центар.