Дуќанџиите нудат попуст до 70 отсто – примамлива понуда или обид за манипулација

„Се на половина цена“, „Попуст од 30 до 70%“, „Сезонска распродажба“, „Ликвидација“. Ова се само дел од плакатите залепени по излозите на речиси сите продавници низ градот. 

И покрај многубројните реклами потрошувачите сепак се не доволно сигурни дали тоа е реалност, или пак само маркетиншки трик, со цел да се привлечат што повеќе граѓани. 

Потрошувачите имаат различни ставови на ова прашање, но поголемиот број од нив велат дека се работи за скромни, или пак во повеќе случаи за лажни попусти.

Во една продавница за обувки која нуди попуст и до 70 отсто во еден ден на ограничени количини кондури и сандали.

-Цените се намалени, но поради тоа што станува збор за поскапа продавница, цените не беа баш достапни. Не купив ништо на попуст, ми беше скапо и покрај понудата за попуст до 70 отсто. Висината на намалувањето е различна кај различни обувки, а годинава моделите се поскапи, дури и над сто евра - вели Анета.Г.

„Како претходна цена се смета цената што трговецот ја применувал 30 дена пред рекламирањето на распродажбата на производите. Процентот на снижувањето на цената што е објавен во распон мора да се однесува најмалку на една петтина од сите производи што се на распродажба. Трговецот мора физички да ги одвои производите што се ставени на распродажба од оние производи што не се на распродажба и јасно и на видно место да истакне натпис дека се работи за распродажба“, стои во Законот за заштита на потрошувачите.

И додека намалените цени ги мотивираат Македонците да потрошат некој денар повеќе, во светот се случува вистински хаос. Таму трговците ставаат драстично намалување на сите производи.

Во развиените земји редовна пракса е на крајот од секоја сезона да има попусти и распродажби. Некаде цените се толку намалени, што не само што се преполовени - туку се продаваат и под цената на производство само за да се испразнат продавниците и магацините. 

Големите попусти во Солун завршуваат на крајот од август

Солун овој период е омилената дестинација за шопинг на Македонците, се во тек големите летни попусти.

Во некои од продавниците во централното подрачје на Солун, попустите се движат и до 80%. Попуст освен за облека и обувки, има и за други производи, од предмети за дома, до бела техника. На попуст од 50 до 70% се и дузина колекции од познатите брендови на нашите простори, Зара, Бершка, H&M...