Обнова на уште 50 дуќани во Старата скопска чаршија

Министерството за економија ќе ја реализира втората фаза за реконструкција на излозите на уште педесетина дуќани во Старата скопска чаршија, а за таа цел веќе објави и јавен повик за субвенции. На повикот можат да се јават сите правни и физички лица кои имаат интерес да ги уредат излозите и рекламите на дуќаните во чаршискиот блок 3.2 во кој се реализираше и првата фаза од проектот.

Право на добивање субвенции за уредување според повикот имаат сите правни и физички лица кои ќе поднесат барање лично или пак преку Здружението на занаетчии. Во Министерството за економија веќе имаат готови проекти кои ќе се применат за дуќаните, чии сопственици ќе побараат реконструкција на излозите. Од ресорното Министерство велат дека откако ќе ги добијат барањата од дуќанџиите, комисија ќе излезе на терен и ќе направи проценка каде и колку треба да се реконструира од излозите на секој дуќан поодделно и ќе се определат сумите потребни за обнова. Здружението на чаршискиот еснаф ќе распише тендер за ангажирање на фирма-изведувач. Министерството за оваа фаза има на располагање 10 илјади евра, кои ќе ги распредели за реконструкција на педесетина дуќани, колку што е предвидено за овој блок во Старата скопска чаршија.

„Продолжуваме со проектот за реконструирање на излозите на чаршиските дуќани во блокот 3.2 каде што претходно ја реализиравме и првата фаза. Сметаме дека во овој чаршиски блок треба да се обноват излозите на педесетина дуќани, ако дуќанџиите дадат согласност. Проценката вели дека златарските дуќани се релативно добри и нивните излози не треба нешто многу да се менуваат. На десет од вкупниот број дуќани во оваа фаза треба целосно да им се менуваат излозите, а четириесетина само делумно ќе се реконструираат. Апликациите за реконструирање на чаршиските излози ќе се прифаќаат до 10 август. Многу брзо потоа ќе се пристапи со работа на терен, објасни Беким Хаџиу, раководител на секторот за туризам во Министерството за економија. 

Според Хаџиу, до Нова година реконструктивните зафати треба да завршат. Во третата фаза ќе се скенираат сите чаршиски дуќани и ќе се реконструира само таму каде што има потреба, а зафатите ќе се реализираат во 2017 година.