Скопје утре повторно блокирано?

Доколку денеска не се постигне некаков договор со Градот Скопје и ЈСП приватните превозници утре повторно ќе излезат на улица. Денеска ќе се знае дали ќе се блокира со сите 200 автобуси на повеќе сообраќајници сè до конечно решавање на проблемот.

-Од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и од директорот на ЈСП зависи дали приватните превозници в петок ќе го блокираат цело Скопје поради неисплатениот долг, вели Ленин Јовановски, директор на „Слобода Превоз“.

Според „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ ЈСП и Град Скопје им должи околу 1,5 милиони евра.

-Не се преговара со луѓе што уценуваат и навредуваат и кои тоа го прават зашто вистината не е на нивна страна. Нема да се подлегне на закани и уцени, рече деновиве градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за тоа дали ќе има договор со приватните превозници кои дадоа рок до петок или повторно ќе го блокираат сообраќајот во главниот град.

Таа посочи дека со новиот јавен повик за приватните автобуски превозници, кој го најави Град Скопје, ќе може да се пријават тие што сакаат да работат и чесно да заработуваат.