Речиси 2.000 пензионери од цела Македонија денеска ќе протестираат во Скопје

Пензионерите се жалат дека сојузот на Станка Трајкова им ги укинува автобусите за најавениот протест за денеска.  Велат дека викендов во општинските здруженија се јавувале луѓе од сојузот за да им прават притисок да не протестираат. Во дел од градовите пензионерите сами барале донатори за да им обезбедат превоз до Скопје.

„Неколку најави имаме дека биле повикувани и им биле откажувани автобусите бидејќи автобусите треба да ги обезбеди здружението на пензионери. Има фонд, има членарина и сето тоа. Но, под разни политички и партиски притисоци на некој му беше одземено тоа право, но ние сепак најдовме и донатори. Дали градоначалници, дали некои фирми, успеавме да организираме 30 автобуси. Имав информација за Свети Николе дека сојузот им ги укинал автобусите, но поради притисокот на членството, повторно им се вратени.“ – Драган Угриновски, иницијативен одбор на пензионерите

Протестот ќе го започнат денеска во 11 часот пред просториите на сојузот и таму ќе го предадат писмото со нивните барања. Оттаму ќе се упатат пред министерството за труд и социјала каде ќе бараат итна средба со министерката. Според проценките, во Скопје треба да дојдат околу 2 илјади пензионери од повеќе градови.

„Одиме од Велес некаде над 100 пензионери. Најголемиот дел ќе бидеме со веќе обезбеден превоз од здружението на пензионери. Што да кажеме, жално е ова што пензионерите во 21 век се принудени да одберат еден начин кој е најмалку популарен кај граѓаните. Велешани како и секогаш ќе бидат сплотени и здружени на протестниот собир во Скопје“ – Кире Василевски, организатор од Велес

Од владејачката СДСМ, пак, велат дека се грижат за пензионерите.

„СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи постојано презема мерки и решенија за унапредување на животниот стандард на пензионерите.  Од 2011 година па до денес просечната пензија е зголемена за 80 отсто.  Во 2016 година последната година на режимот просечната пензија изнесуваше 13.754 денари, а денес во 2023 година таа изнесува 19.106 денари, што е покачување од 40 отсто во време на мандатот на владите предводени од СДСМ. За постојан и навремен раст на пензиите, СДСМ заедно со пензионерите донесе нова методологија со која пензиите се зголемуваат на секои шест месеци.“, вели Љатифе Шиковска, пратеничка на СДСМ.

Пензиите во септември треба да се покачат за над 6% согласно новиот модел на пресметка. Пензионерите се незадоволни и бараат линеарно покачување од 3.500 денари за сите, а минималната пензија да биде еднаква на минималната плата.