Пензионерите се радуваат, другите негодуваат - се враќа бесплатниот јавен превоз

Во вторник, петок и деновите од викендов пензионерите повторно ќе може бесплатно да се возат со ЈСП-Скопје. Мерката ќе стартува до крајот на месецов, а за истата од буџетот на Град Скопје ќе се потрошат 650.000 евра.

Бесплатниот превоз во овие денови важеше и пред почетокот на корона пандемијата, по што беше стопиран поради заштита од ширење на коронавирусот.

Граѓаните, дел ја оправдуваат оваа „привилегија“ за пензионерите, дел советуваат дека бесплатен превоз треба да има и за лицата со минимални плати кои со јавен превоз патуваат кон работното место и назад.

-И јас мислам дека на тие со малите плати треба да се возат бесплатно, а не пензионерите. За пензионерите превозот не е неопходен, вели еден граѓанин.

-Јас сум пензионерка и не трчаме по автобуси. Мислам за оваа категорија не е добро да одат по автобуси и да се изложуваат на ризици, советува една повозрасна скопјанка.

-Еден пензионер прима минимални 12.000 денари, четиричлено семејство, работничко еве 40.000 денари и ај сега кој е загрозен? Со деца со милиони трошкови неисполнети желби, неспоредливи трошоци. Затоа велам за работниците со ниски примања ништо нема да им значи да си купат пензионерска карта или да си платат ако одат на лекар, а работниците секој ден мора да одат на работа па ај спореди, констатира друг граѓанин.

-Сите треба да се возат бесплатно, а тој што сака да плати нека го донира платениот билет во буџетот на градот. Да ја видиме свеста на тие што имаат високи плати и пензии, е предлог на еден граѓанин. 

- Пензионерите имаа безпари, него дај безпари на невработени, за студенти, средношколци (особено и во летен период тие што одат на пракса имаат потреба од автобус ), на мајки со мали деца кои имаат потреба да користат јавен превоз (немаат може автомобил или не се возачи) или кога веќе ни ова не одговара, да се намали цената на превозот да биде како на времето 25 денар, вели еден скопјанец.

-Добра идеја е бесплатно да се возат тие што се на минимална плата, а за пензионерите четири бесплатни возења, а не четири дена, па да не може да се влезе од гужва, вели една млада скопјанка.