Невремето по полноќ поплави неколку куќи во скопско

Регионалниот ЦУК Скопје информира дека по силниот пороен дожд што го зафати градот Скопје во ноќните часови во с. Ласкарци и с. Буковиќ, во Општина Сарај поројната вода навлегла во поголем број куќи, подрумски простори и на повеќе улици.

На терен беше БППЗ на Град Скопје со 3 пожарникари и 1 противпожарно возило, при што интервенирале на најзагрозените реони.

- Во утринските часови контактирано е со ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје, и од нив е добиена информација дека во текот на денешниот ден ќе излезат на терен за расчистување на улиците од кал и за испумпување  на водата од куќите. За настанатата состојба беше известена Општина Сарај за понатамошна постапка, информираат од ЦУК.

Инаку, УХМР предвидува и денеска, иако времето од утрово е сончево со мала до умерена облачност, дека од пладневните часови на повеќе места во државата времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град.