Како ќе изгледа кружниот тек кај Хубо маркет?

Градот Скопје публикуваше оглас за избор на фирма што ќе го изготви основниот проект за раскрсницата на улицата „Скупи“ со булеварот „8-ми Септември“ кај „Хубо маркет“ во Општина Карпош. Стручната фела треба да понуди проект за изведба на кружен тек на оваа фреквентна локација, која би била адекватна замена на постоечките семафори.

Кон крајот на 2013 година, улицата „Скупи“ се прошири на делот кај оваа раскрсница, но тоа не го реши проблемот со сообраќајниот метеж во овој дел од градот. За изработка на основниот проект е проценето дека ќе се потрошат 600.000 денари без ДДВ.

Во согласност со Нацрт-буџетот на Град Скопје за 2016 година, за овој кружен тек е предвидено да се одвојат неопходните финансиски средства и да се почне со неговата реализација. Прогнозите на градската власт се дека со проектот ќе се растерети сообраќајот во овој дел на Скопје.