Инцидент меѓу психолог и родители на деца од домот „Ранка Милановиќ“

Шестмина родители во полициската станица во Гази Баба вчера пријавиле дека две лица – едното вработено како психолог во ЈУ „Ранка Милановиќ“, а другото како возач на комбе, ги малтретирале нивните малолетни деца на возраст од четири до 14 години додека ги превезувале до Домот за ресоцијализација и интеграција.

Родителите пријавиле дека на децата им биле нанесени видливи повреди, односно црвенило, модринки и гребнатини.

Како што информираат од МВР, полициски службеници излегле на местото на настанот, а за ситуацијата бил известен и јавен обвинител и се постапило по неговите насоки.

Меѓутоа, вчеравечер во врска со истиот настан во полициската станица во Гази Баба, Р.П. (39), вработена како психолог во ЈУ „Ранка Милановиќ“, пријавила дека претпладнето околу 11.30 часот во кругот на установата дошло до нарушување на јавниот ред и мир, односно од страна на двајца родители сместени во установата како згрижени семејства таа била малтретирана, омаловажувана и навредувана поради тоа што тие биле незадоволни од неа како психoлог на нивните деца.

Наводно, кога се симнале децата од комбето, набргу пријавените лица влегле во комбето каде што била пријавителката и почнале да ја навредуваат со погрдни зборови, да ја плукаат, да ја тегнат за јакната, да ја туркаат и малтретираат и со рацете почнале да ѝ замавнуваат кон лицето и главата.