Играњето со безбедносните рампи се плаќа во крв (фото)

Жителите од скопската населба Волково веќе неколку години со страв ги минуваат железничките премини поради тоа што безбедносните рампи секогаш не функционираат како што треба.

Според изјавите на месното население, рампите честопати се спуштени и кога не поминува воз, но истакнуваат дека многу е поризично кога рампите остануваат кренати додека возот минува преку сообраќајницата, пренесува Нова Македонија.

Инаку станува збор за железничкиот премин што ги дели селата Волково и Ново Село и каде што на само стотина метри се наоѓа основното училиште „Тихомир Милошевски“.

- Пред неколку дена забележав долга колона од возила што подолго од половина час чекаа да се кренат спуштените безбедносни рампи и безбедно да го преминат железничкиот премин. Сепак, и покрај толку чекање, возот воопшто не се појави, па возачите беа принудени да ја преминат пругата на сопствена одговорност во просторот меѓу спуштените рампи - објаснува Стојан Марковски, жител на Волково.

Тој вели дека овој проблем е присутен веќе неколку години, но и покрај тоа што редовно пријавуваат кај надлежните, сепак никој не реагира на нивните жалби.

Но она што најмногу ги плаши луѓето е што постојат и нетрпеливи возачи, кои уште веднаш ја прифаќаат претпоставката дека станува збор за „лажна тревога“, а тоа најчесто се случува со возачите на автобуси, кои зависат од времето на возење на турата и не можат да си дозволат подолго стоење во место.

Од „Македонски железници“ го потврдуваат овој проблем, но, според нив, проблемот е предизвикан од човечки фактор, бидејќи се шири информација дека деца честопати си играат со рампите, иако не се свесни дека нивната игра е доста опасна.

- Поради тоа што не се предвидени какви било законски мерки или санкции за луѓето што намерно ги спуштаат безбедносните рампи и предизвикуваат збунетост кај возачите, единствено што може да побараме се почести полициски патроли по пругата, каде што ќе се санкционираат пешаците, бидејќи им е забрането движење во близината на шините - велат вработените во „Македонски железници“.

Надлежните апелираат до граѓаните да се однесуваат совесно и да не создаваат непотребен ризик по здравјето на луѓето. Од друга страна, пак, од МВР велат дека досега немаат добиено ниту една пријава за овој проблем и оти не можат да интервенираат без некој претходно да се пожали.