Кај „Сити мол“: Ќе се помести рампата или ќе се гради нова крстосница

Станарите од населбата Kарпош 3 лани добија бесплатен паркинг-простор во трговскиот центар „Сити мол“, но тоа не го реши проблемот со сообраќајниот метеж на улицата Љубљанска. Долготрајно решение не е најдено за тесното грло и за паркирањето во околните улици, иако беше ветено уште во текот на ланската година. Се уште таксистите ги окупираат двете страни од улицата, поточно двете коловозни ленти, што на посетителите им создава тешкотии при влез и излез со автомобилите од трговскиот центар.

Сообраќајниот метеж во овој дел од градот трае веќе неколку години, а почна откако „Сити мол“ воведе наплата на паркирањето во подземниот паркинг. Возачите за да го избегнат плаќањето во гаражата почнаа да се паркираат во околните улици, како на местата на станарите на околните згради, така и по тротоарите, што предизвикува секојдневни нервози и караници.

Ова прашање повторно беше отворено и на последната седница на Советот на Скопје на која на дневен ред беа советничките прашања.

Од градското одделение за односи со јавноста деновиве појаснија дека на улицата Љубљанска во моментов има воспоставено сообраќаен режим согласно просторните услови и потребите на дадените урбанистички параметри. Во рамките на тој режим се пропишани сите сегменти на пристапот, паркирањето и позицијата на јавните такси-превозници.

- Поради специфичноста на просторот сите учесници се должни да ги почитуваат воспоставените правила. За субјектите што не се придржуваат кон правилата, сообраќајната полиција треба да поднесува пријави и да им изрекува казни - дополнија од Градот.

Надлежните од Општината Kарпош информираа дека двапати годишно одржуваат средби со другите градоначалници и со директорите на јавните претпријатија. На тие средби се присутни и претставници од полициската станица „Kарпош“ и претседателите на урбаните заедници.

- На средбите се пренесуваат тукашните проблеми и на дел од нив е споменат и сообраќајниот метеж на неколку улици во Kарпош. Бидејќи општината нема надлежни служби за да реагира и да преземе мерки, Секторот за сообраќај на Град Скопје ги спроведува потребните активности во сите општини. На работните средби се расправа за решавање на проблемите и Советот на Скопје ќе донесе одлука што понатаму, а одлуката ќе биде проследена до нашата Општина - појаснија одговорните од Kарпош.