Црна точка за граѓаните - пругата меѓу Ново Село и Волково (фото)

Рампата на железничката пруга меѓу скопските населби Ново Село и Волково останува и понатаму црна точка за граѓаните што поминуваат преку овој премин. 

Станува збор за железничкиот премин од кој на само стотина метри оддалеченост се наоѓа основното училиште „Тихомир Милошевски“. Жителите од овие две населби со години во страв ги минуваат железничките премини поради тоа што безбедносните рампи не функционираат секогаш како што треба. Тие се жалат дека е загрозена нивната безбедност поради нефункционалноста на рампите. 

Од „Македонски железници“ потврдуваат дека проблемот постои и велат дека тој е предизвикан од човечки фактор. Пругите се креваат и се спуштаат по автоматизиран систем и не постои можност за техничка грешка. Најчесто станува збор за детска игра или, пак, несовесни граѓани што со притискање на електронските „папучи“ на шините ја креваат односно спуштаат рампата, најчесто несвесни дека ваквата игра може да заврши со фатални последици. 

Тие велат дека рампата може да стои крената максимум четири минути, а потоа автоматски се спушта. Сепак опасноста од потенцијална несреќа е голема. Оттаму велат дека прават напори за отстранување на проблемот и дека единствено решение во моментот е поставување видеокамери на клучните точки, со што ќе се обезбеди поголема контрола за состојбата на премините. 

- Со видеонадзорот ќе се има подобар увид на целокупната ситуација, полесно ќе може да се откријат сторителите и побрзо ќе може да се интервенира на терен доколку настане ваков проблем - објаснуваат од „Македонски железници“.

Според изјавите на жителите, многу често се случува рампите да бидат спуштени подолго време, иако не поминува воз во тој момент. Поризично според нивните кажувања е кога рампите остануваат кренати додека возот поминува преку сообраќајницата. Проблемот се јавува и во оној момент кога рампата непотребно останува спуштена подолго време и нетрпеливите возачи решаваат на сопствен ризик да преминат преку пругата. Жителите сведочат дека неретко се случува и автобусите што минуваат по овој пат да поминат преку пругата иако рампата е спуштена, ако возачите сами проценат дека во тој момент не поминува воз. Автобусите не можат да се задржуваат подолго време на едно место, бидејќи зависат од времето на возење на турата. 

Од почетокот на годината досега се регистрирани десет несреќи на патните премини. Надлежните апелираат до граѓаните да не се однесуваат несовесно, да стојат подалеку од шините и да не создаваат ризик од ваква опасност за сите што ги преминуваат железничките премини.