Арсовска на средба со Управниот одбор на МАТТО

Инфраструктурните проекти на Град Скопје и можностите за инвестирање од страна на турските компании, беа клучните теми на состанокот на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО) на кој присуствуваше и градоначалничката Данела Арсовска.

Пред Арсовска и УО, претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски информираше за активностите на комората и изрази своето задоволството што меѓу членките има реномирани компании од Турција и од Северна Македонија.

-Се залагаме да ги зголемиме меѓусебните инвестиции. Од нашето основање, дадовме значаен придонес за странските инвестиции во земјата. Турските инвестиции во Република Северна Македонија изнесуваат околу две милијарди долари и претставуваат 35 отсто од вкупните странски инвестиции во земјата, а наша цел е да придонесеме кон двојно зголемување на овие бројки во следниот период. Освен со Турција, во тесна соработка сме и со регионалните земји како Србија, Косово и Црна Гора. Дури почнавме да воспоставуваме трилатерални односи со некои земји, истакна Адемовски.

Гостин на седницата на УО на МАТТО беше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Како комора која постои веќе 15 години, нејзините активности главно се насочени кон продлабочување на традиционално добрите економски односи меѓу двете земји, зголемување на меѓусебната трговска размена и на инвестициите. Од посебно значење за развојот на билатералната економска соработка со пријателска Турција се сериозните инвестиции како резултат на привлечните услови за инвестирање во државата, кои го поттикнуваат развојот на домашната економија, придонесуваат за отворање на нови работни места, воведување на нови и напредни технологии, а со тоа и подобар стандард и благосостојбата на нашите граѓани, напиша синоќа Спасовскина својот фејсбук профил.