Анима Мунди: Бараме АХВ итно да ја исфрли одлуката за убивање на бездомните кучиња кои имаат лишманија

Во објава на социјалните мрежи Анима Мунди бара од АХВ итно да се измени годишната наредба за здравствена заштита на животните за 2024 година и да се исфрли одлуката за убивање на секое бездомно куче кај кое се детектира лишманија.

“ Информираме дека но во ниту една друга наша соседна или ЕУ држава не е задолжително тестирањето на бездомните животни за лишманија, и дека ниту една друга држава не предвидува мандаторна смртна казна на кучињата, освен во Македонија, лулка на безредие и суровост!

Информираме дека до АХВ, директорот Бабовски, министерот на МЗШВ доставивме барање за итна измена на истата, заедно со прилог од научни истражувања, анализи, факти и препораки од светски научници од областа, образложенија зошто еутаназијата на овие кучиња е неоправдлива, ирационална и штетна од здравствен, етички и економски аспект. Не им е гајле.

Во повеќе наврати бараме средба на што немаме ниту одговор, иако сме репрезенти на сериозна бројка граѓани кои најостро се противат на ваквата суровост и самоволие. Доколку нема интерес и начин ова прашање да биде решено хумано и конструктивно, нашите барања ќе ги застапуваме пред институцијата, на улица“ се вели во објавата на Анима Мунди

Од таму додаваат дека го консултирале Центарот за јавно здравје каде им било кажано дека епидемиолошката слика не е алармантна но бара континуирано следење и држење на заболувањето во фокус и за превенција на истата се бара континуирана координација на хуманото и ветеринарното здравство,

“ Со манипулација дека се постапува во интерес на граѓаните, без притоа да ги инволвирале да речеме институциите од областа на хуманата медицина, директорот Бабовски и АХВ зацртале дека и за 2024 година одлуката ќе подразбира тестирање и убивање на кучиња и така ќе не спасат. Бидејќи тие не ги консултирале ги консултиравме ние при што е констатирано дека состојбата во МК не е алармантна и е потребно само да се следи. Ги прашуваме АХВ по какви препораки се водат и вака одлучуваат по однос на живот на живи битија, кои успешни практики ги следат и практикуваат, кој модел, по примерот на која држава? Кучињата заболени со лишманија не се убиваат ни во ендемски подрачја (Грција, Италија, Шпанија), нема задолжително тестирање ниту во економски стабилната Германија, затоа што е скапо и претставува товар на општините. Ние очигледно пари имаме да фрламе за секакви произволија и каприци. Убивањето никаде не е опција! На сметка на тоа сериозни и одговорни држави и институции се насочени кон превенцијата, а тоа е сузбивање на песочните мушички кои се преносители и кои не бираат дал ќе гризнат човек или животно, а во однос на кучињата најмалку прават разлика дал е животното со или без сопственик. Оваа сурова одлука е бесмислена до толку што АХВ ги убива бездомните кутриња со детектирана инфицираност а се здрави и тогаш кога постои вдомувач за истото куче, но ги поштедува сите сопственички кучиња кои се носители на истата“ пишуваат од Анима Мунди