Живеете кретенски, хипнотизиран, малограѓански полусон и чекате откровение - Вирално се „врти“ сегмент од „Диво месо“

Сегмент од „Диво месо“ на легендарниот Горан Стефановски стана вирален фејсбук статус! 

Очигледно се алудира на ситуацијата во која се наоѓаат македонските граѓани, заглавени во лавиринтот со новите лични документи! 

...ПА МЕЧКА ВО ЦИРКУС НАУЧУВА ДА ВОЗИ ВЕЛОСИПЕД....

"Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не на пропаст, затоа што пропаста е дефинирана состојба, и не на благосостојба, од која сте далеку, туку на пропаѓање. Постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки. На ист начин. Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно. Па мечка во циркус научува да вози велосипед. Младоста ја минувате во корзо грицкајќи семки. Не читате ништо потешко од стрипови за гусари. Идоли ви се оние идиоти кои се самоубиле слушајќи ја „Тужна је недељаˮ и ситниот криминалец Киро Атевиќ. Киснете по меани, а не знаете да пиете. После две ракии ви светнуваат очите и почнувате да се прегрнувате, бацувате и да му се заканувате на цел свет. И веќе не гледате кој што ви прави зад грбот. Или не пијте или научете подобро да поднесувате алкохол.

Треба да се ослободите од стегите на вашиот мазохизам и да пуштите да ве води срцето. Срцето никогаш не е мазохистички настроено, тоа е радосно, главата е таа која прави проблеми. Свесен сум дека вас ве глода и друга мака: вие не знаете што точно сака вашето срце. Но, тоа е лажна дилема. Никогаш не сте го пуштиле да ви каже. Го држите задушено во малиот џеб и кукате што не умеете да го следите внатрешниот инстинкт. Оставете го срцето слободно да дише и тоа ќе ви се јави.

Секако, тука има и ред други компликации, како на пример недостатокот од чувство за припадност и традиција. До каде најдалеку може да ја следите вашата фамилијарна лоза, како се викале вашите прадедовци ?

Вие и сега имате очи, уши и нос, но не ги употребувате. Ви служат како украс. Ништо не гледате, ништо не слушате. Живеете кретенски, хипнотизиран, малограѓански полусон и чекате откровение, чудо, се подготвувате за големиот час кога вашиот живот конечно ќе започне, а се повеќе се сомневате дека тој час воопшто ќе пристигне. А годините минуваат и денес, утре животот поминал. Се вртите окулу себе – пустош. Откровението не дошло. А навиката станала корава. Па заминувате до најблиската кафеана и наздравувате со непознати намерници во името на нејасните визии за она што сте можеле да бидете."

- Горан Стефановски, „Диво месо“