Земјоделците ќе го изгубат правото на субвенции ако итно не се донесат законските измени, алармира Николовски

Од крајот на минатата година почнаа да истекуваат договорите на земјоделците за закуп на државно земјиште склучени во 2007 година и ако не се донесат измени на Законот за земјоделското земјиште, тие ќе го изгубат правото на субвенции, алармира министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. За да склучат нови договори, постојниот закон предвидува сложени и долги административни процедури, кои се олеснуваат со предложените измени. Министерот бара предложените измени веднаш да бидат донесени оти, освен тоа што веќе има 172 истечени договори за закуп, во следните месеци ќе истечат уште стотици.

„Повеќе од еден месец претседателот на собраниската Комисија за земјоделство не ја закажува седницата за да поминат измените на Законот за земјоделското земјиште предложени од пратениците со кои се олеснуваат многу постапки за земјоделците. Измените во законот, предложен во скратена постапка уште од 19 февруари, а со кој се превидува можност земјоделците што имаат истечен закуп за земјоделско земјиште во државна сопственост да може непречено да го користат земјиштето сè до склучување нов договор и за него да го остваруваат правото на субвенции во периодот токму и на изборен процес“, рече министерот Николовски.

Предложените измени министерот Николовски тврди дека не се популистички, туку се системски и пополнуваат правна празнина на законот донесен во Собранието во 2007 година, а кои засегаат над 10.000 закупци на државно земјоделско земјиште.

„Земјоделците не се виновни што токму во овој период ќе има избори. Повикувам и пратениците и претседателот на Комисијата на да не ги блокираат овие измени, кои им ги кратат маките на земјоделците. Договорите се склучувани на 15 години и ова се први договори што истекуваат. Во следните месеци, април, мај и јуни, период потребен за формирање нова влада, ќе истечат уште договори“, рече министерот Николовски.

Тој извести дека секторите во Министерството ги подготвиле потребните информации и одлуки за склучување нови договори, кои ќе им гарантираат сигурност на земјоделците и нема да ги доведат во ризик за добивање субвенции.