ЗАKОНСKИ ПРЕЧKИ: Kрнтиите им зафаќаат паркинг-места, не знаат што да им прават

Околу 50 стари, хаварисани автомобили се наоѓаат во депото на пајак-службата на „Градски паркинг“ веќе десет години, а сопствениците не ги подигаат оттаму – или ги заборавиле или воопшто не се заинтересирани да си ги вратат.

Тие сопственици проблемот со своите стари и неупотребливи автомобили практично го префрлиле на „Градски паркинг“. За да се ослободат од старите возила ќе мора да викаат шлеп-служба или сами да ги однесат во некој отпад за старо железо, а со подигањето од страна на пајакот и носењето во депо, сопствениците елегантно си го решиле проблемот. Сега претпријатието не знае како да се ослободи од нив бидејќи на надлежните законски им се врзани рацете, пишува Дневник.

Kако што објасни директорот на „Градски паркинг“, Борче Јакимовски, се уште нема законска рамка за натамошно постапување со хаварисаните возила и поради тоа тие долго време, со години, се наоѓаат во нивното депо. Тој вели дека ќе поднесе иницијатива до Владата за носење одлука за да се реши ова прашање.

- Имаме вистински проблем, возилата не можеме да ги префрлиме во наша сопственост, не можеме да ги отуѓиме или да ги дадеме во старо железо. Никој не ги подига, и покрај фактот што сопствениците нема да платат за лежарина. Таа претходно изнесуваше 700 денари, но ја укинавме за да им овозможиме полесно да си ги земат и да ги однесат на места каде што нема да пречат. Но, ниту тоа не помогна - изјави Јакимовски.

Освен што паркинг-местата им ги зафаќаат крнтии, проблем имаат и со возилата на повозрасните станари кои користат годишен станарски билет.

- Имаме граѓани кои имаат станови, но воопшто не живеат во градот, туку во викендички надвор од Скопје, а нивните автомобили со месеци стојат на паркиралиштата бидејќи имаат станарски билети. Овие автомобили ги подигаме само ако се нерегистрирани, поинаку не смееме - појасни директорот Јакимовски.