Водата од струшкиот водовод безбедна за пиење

Водата за пиење од струшкиот водовод е здравствено безбедна со добар квалитет и може да се користи за пиење, потврди за МИА директорот на Центарот за јавно здравје – Охрид, Сашо Точков.

Според него, по направените анализи минатиот вторник беше забранета за пиење поради недостаток на дезинфекционо средство.

-Постојано вршиме контроли на квалитетот на водата за пиење во различни денови. Во вторникот немаше дезинфекционо средство на две места. Алармиравме до јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и проблемот се санира. Во понеделникот направивме повторно анализи и водата е во ред, изјави Точков.

Тој посочи дека во струшките села кои сами стопанисуваат со водоводниот систем, понекогаш се случувало да имаат недостаток на средство за дезинфекција, но постојано алармирале за подобрување на состојбата.

-И во селата кои се приклучени на селските водоводи во Струга водата е со добар квалитет. Има села кои имаат сопствен водовод, односно сами стопанисуваат со него, и тука имаме одвреме навреме недостаток на дезинфекционо средство. Постојано алармираме до инспекциските служби тоа да се подобри, но состојбата некогаш е проблематична, додаде Точков.

Упати апел до корисниците по прекин на вода од градскиот водовод кога ќе ја пуштат чешмата да ја остават да потече барем две-три минути доколку е матна водата да се исчисти матноста и да е безбедна за користење.