Во Тирана беа дискутирани клучните предизвици на Јадранско-Јонскиот регион

Седмиот годишен форум на Јадранско-Јонските членки (EUSAIR) како клучен регионален настан на полето на животната средина, одржливиот туризам, дигитализацијата и транспортот, со голем фокус на активното младинско учество се одржа во Тирана.

Дури 100 предавања, консултации, дискусии и други настани беа одржани во рамки на трите дена додека траеше форумот.

Настанот вклучи обраќања од страна на заменик министерот за надворешни работи на Албанија, Меги Фино, потоа Европскиот Комесар за кохезија и реформи, Елиса Фереира и говори од страна на високи претставници на земјите членки на ЕУ. Ова е централен регионален настан (кој минатата година се одржа во Изола, Словенија), а е креиран со цел да  придонесе кон подобра размена на добри практики меѓу земјите членки во различни проекти во рамки на четирите клучни столба на Европската стратегија (син развој, поврзување на регионот, квалитет на животната средина и одржлив туризам). Оваа година, форумот на едно место ги собра сите одговорни за надворешни работи и европски фондови, службеници во Европската Комисија, експерти во областа, претставници од бизнис сферата и млади луѓе кои ја дискутираа иднината на стратегијата и нејзината улога во адресирање на клучните предизвици во регионот.

Со оглед на тоа што 2022 година е Година на младите во Европската Унија, а Тирана е младински главен град за оваа година, настаните во рамки на форумот беа фокусирани на младите луѓе и нивната вклученост во Јадранско-Јонскиот регион. Другите теми беа поврзан со европската интеграција, Зелената агенда, туризам и култура, поврзаност, но и дигитализација, транспорт и инфраструктура.

Две важни обележја на овој настан беа серијата предавања на темата квалитет на животната средина во рамки на EUSAIR стратегијата, организирана со поддршка на Единицата за поддршка во Изола, Словенија и финансиски поддржани од Interreg Adrion и Европската Комисија. Фокусот беше насочен кон биодиверзитетот, морските заштитени подрачја и главните заклучоци од Сесијата за Барселонската конвенција, претставени од др. Митја Брицељ и др. Сенад Опрасиќ (координатори на столбот за квалитет на животната средина) и други истакнати предавачи од Словенија (др. Андреј Совинц, др. Матија Грбец), Грција (др. Василики Василопулу и Ставрос Антониадис), Хрватска (м-р Давор Перцан) и Црна Гора (др. Мирко Ѓуровиќ). Ова е долгоочекуван сет на предавања, подлабоки дискусии и анализи, како и конкретни резултати од значајните проекти на ова поле, кои добија признание од Европската Комисија и имаат огромен потенцијал за имплементација  во другите земји членки.

Вториот фокус е насочен кон обуките за е-учење во однос на зелената инфраструктура, што е дел од Каналот за учење во рамки на платформата на засегнати страни на ЕUSAIR (ESP). Тие беа развиени од страна на експерти од Италијанскиот регион Марке во соработка со Општината Изола и компанијата ZeroGravità, на основа на Прирачникот за планирање на зелена инфраструктура. Модулите за обука се засновани на клучните концепти за зелена инфраструктура и нивната улога во модерното просторно планирање и се првенствено насочени кон телата и институциите за донесување одлуки, на локално и национално ниво, кои се одговорни за просторно планирање. Бесплатните онлајн курсеви ќе бидат одлична алатка за секој кој сака да го прошири своето знаење за зелената инфраструктура и нејзиното влијание на секојдневното живеење.

За EUSAIR стратегијата

EUSAIR е стратегија на ЕУ за јадранско-јонскиот регион, која се однесува на заедничките предизвици на регионот и го зајакнува ангажманот на засегнатите страни за економска, социјална и територијална кохезија. Стратегијата беше усвоена од Европската комисија во 2014 година, со што стана трета макро-регионална стратегија во ЕУ во која се вклучени девет земји: Грција, Хрватска, Италија, Словенија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Северна Македонија. Се заснова на четири тематски столба: синиот раст, поврзувањето на регионот, квалитетот на животната средина и одржливиот туризам. Словенија заедно со Босна и Херцеговина го координира столбот за квалитет на животната средина, додека општина Изола ги извршува задачите на секретаријатот за тој столб. Целите се да се подобри квалитетот на живот на бреговите на заедничкото море, да се зачува биолошката разновидност и подобро да се управува со речните сливови преку конкретни активности, но и да се применат режими засновани на почитување на екосистемските услуги на копно, на брегот и на морето во Јадранско-јонскиот регион.

Повеќе информации можете да најдете тука