Покрај СОУ „Кочо Рацин“ во Хром постои пешачка патека која служи за полесен пристап на учениците од населбата да стигнат до училиштето.
Но, она што често може да се забележи е дека голем број возачи одлучиле дека тука може да искористат опција да го скратат патот кога излегуваат од Хром или влегуваат во населбата. Сообраќајни знаци и одбележја дека се работи за коловоз нема, но за волја на вистината, нема ниту знаци дека е пешачка патека, не е обезбедена со столпчиња, ниту пак има некаква рестрикција за движење на возила.
Со оглед на тоа што патеката е изработена со бехатон плочки, а не со асфалт, а завршува со земјен пат кој се приклучува на улицата „Македонска војска“, која ги дели Хром и Ѓорче Петров, со сигурност може да се каже дека не е коловоз.
Од друга страна, поради тоа што патеката е тесна, возилата мораат да се движат со намалена брзина, а често има и пешаци и велосипедисти кои се движат таму, па може да се заклучи и дека воопшто не се добива на време доколку наместо по коловозот, се импровизира по оваа патека.