ВМРО-ДПМНЕ бара да се истражи фирмата што вршела дигитализација на матичните книги

- Безбедноста на граѓаните на Македонија е одамна загрозена и тоа се докажува низ безброј сомнителни случаи за кои нема разрешница. Скандал од вакви размери каде се загрозени личните податоци на граѓаните треба да биде аларм за институциите, изјави Марија Митева портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање за сомнежите за злоупотреба на податоци од управата за водење матични книги.

Митева истакна дека треба темелно да се истражи која е фирмата која вршела дигитализација и дали се точни наводите дека сопственикот е близок роднина на функционер од власта.

- За какви потреби се злоупотребени овие податоци и кои ќе гарантира заштита на граѓаните? Овој случај на евентуална злоупотреба на податоци уште еднаш потврдува дека власта е длабоко навлезена во криминал и корупција и час поскоро се потребни избори и промена на власта која најпрво ќе резултира најпрво со одговорност за сторителите, а потоа со институции кои ќе функционираат чесно и во интерес на граѓаните, изјави Митева.