Влада: МВР да достави информации на колкумина им се истечени или ќе им истечат документите до денот на изборите

Владата ја разгледа Информацијата во однос на Извештајот на МВР што се однесува на околу 100.000 лица со истечени документи, доставен на барање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, а со цел да се разгледа можноста околу реализација на нивното гласачко право на претстојните претседателски и парламентарни избори.

Владата донесе заклучок, МВР, до следната седница на Владата да достави прецизни информации на колкумина од овие лица им се веќе истечени или ќе им истечат личните документи во периодот од девет месеци до денот на изборите на 24 април 2024 година, односно до денот на изборите на 8 мај 2024 година.

Заклучокот, како што посочи премиерот Џафери, произлегува од последните измени и дополнувања на Изборниот законик, во делот на преодни и завршни одредби, членот 38, каде што е дадена можноста во 2024 година овие лица да може да се внесат во избирачки список.