Велковски го разреши, Владата го врати на работа директорот на ЦСР-Радовиш кој има две кривични пријави

На вчерашната седница на Владата на предлог на заменик-министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска поништено е решението за разрешување од должност на директорот на Јавната установа Центар за социјална работа – Радовиш, Александар Филев од 04.04.2024 година.

Тренчевска не сметала дека овој директор треба да се смени поради поседување на дрога и напад на полицајци и затоа и предложила на Владата да го врати назад на работа

Имено Александар Филев на 09.03.2024 година е забележан во билтенот на МВР како во алкохолизирана состојба го нарушил јавниот ред и мир со тоа што најпрво почнал агресивно да се однесува кон полицајците а потоа и ги нападнал. Истото ова лице во февруари месец било уапсено од страна на полицијата за недозволена трговија со дрога. И покрај сите овие настани Тренчевска смета дека тој е достоен да ја извршува својата функција директор на ЦСР-Радовиш.

Во образложението за негово разрешување Велковски ги наведува несоодветното однесување, груба повреда на законот и нарушување на јавниот углед и интерес на институцијата што ја претставува.

„Со ваквите дејства, загрозување на сигурноста, прекршоците за нарушување на јавниот ред и мир поради пијана состојба, учество во тепачка и навредување службено лице на државен орган или друга институција што врши јавни овластувања во вршење на службата, Александар Филев со крајно несоодветно однесување, а притоа неводејќи сметка за јавниот углед и интерес на институцијата што ја преставува, направил груба повреда на законот и статутот на институцијата“, се наведува во соопштението на МТСП од 4-ти април.

Владата како образложение дала дека, посоченото разрешување, во време на распишани избори, е направено еднострано од страна на министерот за труд и социјална политика. Ова, како што е нагласено, е спротивно на Законот за Владата на Република Северна Македонија, каде е предвидено, заради организирање на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документи, а ако тоа не е сторено, ваквите акти и документи не произведуваат правно дејство.