Нов рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид, треба да биде готов до 31 декември 2026 година

Нов краен рок за изградба на автопатот Кичево-Охрид е предвиден за крајот на 2026 година соопштија од Владата. Овој автопат кој никако да заврши требаше да биде готов до 31 декември 2023 година но повторно се пролонгираше неговата изградба.

„Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информација за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето.

Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога Изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница“, стои во соопштението на Владата.