Утре се одбележуваат 77 години од ослободувањето на Скопје

Утре, 13 ноември, главниот град Скопје ќе одбележи 77 години од своето ослободување од фашистичката окупација.

Имено, тоа студено есенско утро, 1944-та година, борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистите. 

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

Победата над непријателот во далечната 1944 година била дочекана со солзи радосници и цвеќе за ослободителите.

Партизаните победоносно, на коњи, парадирале низ центарот на градот. По Скопје, останале неослободени градовите Тетово и Гостивар. Но, најголемата и најтешката битка, се сеќаваат борците, била издвојувана со ослободувањето на главниот град.

Околу 500 партизани од кои стотина жени, учествувале во битките за ослободување на градот.

Во текот на Втората Светска Војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положија 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор.