Утре отворање на изложбата „Скопска градска општина“ по повод 13 Ноември

Изложба „Скопска градска општина“ од авторката Јасмина Дамјановска, ќе биде отворена утре во Музејот на град Скопје по повод 13 Ноември – Ден на ослободување на градот Скопје.

Изложбата, како што најавуваат организаторите, е замислена како водич низ меморијата што ја има собрано на едно место Државниот архив – Одделение Скопје за постоењето и за дејствувањето на Скопската Општина, но и за трансформацијата што му се случува на градот Скопје со нејзиното конкретно функционирање.

Низ 22 паноа и околу 300 документи и фотографии, претставен е периодот од крајот на 19. век, кога функционирала Скопската Турска Општина, потоа Градското поглаварство на Општината на град Скопје 1918 – 1941 г., Скопската Општина 1941 – 1944 г. и Скопската Општина преку градоначалниците од 1944 до денес.

Говорници на настанот се Татјана Сапунџиовска-Алексоска, раководител на Државниот архив – Одделение Скопје, и авторката Јасмина Дамјановска. Во рамките на настанот, како што е најавено, ќе биде претставена уште една изложба на автори од Музејот на град Скопје.

На овој начин, од Државниот архив информираат дека се вклучува во одбележувањето на 13 Ноември – Ден на ослободување на градот Скопје, кој воедно е патронен празник на Државниот архив – Одделение Скопје.