Транспорт: Анексот за автопатот се однесува само на рокот за изградба, средствата остануваат непроменети, односно 598 милиони евра

Министерството за транспорт известува дека новиот анекс за продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево- Охрид со „Синохидро“ се однесува само на негово продолжување но не и на финансиските средства кои остануваат непроменети односно 598 милиони евра.

Согласно новиот анекс, изведувачот се обврзува да ги изгради и да ги пушти во сообраќај до 31 ноември 2026 година подделниците 1 и 2, до 31 август 2025 година делница 2.2 и делница 3, а до 30 септември 2026 година делниците 4 и 5.

„Продолжувањето на рокот е неопходно поради појавата на новите 13 свлечишта што се појавија на трасата, а како резултат на несоодветното проектирање и прераното започнување на изградба без да се земат предвид реалните состојби на теренот коишто требало да се третираат во првичната проектна документација“, објаснуваат од Министерството за транспорт.

Потенцираат дека изградбата на автопатската делница е приоритетен проект за Владата, како дел од Коридорот 8 и се преземеаат сите активности за да биде завршен согласно сите градежни и безбедносни стандарди.

Овој Анекс за продолжување е шести по ред. Изградбата која почна во 2014 година првично беше предвидена да чини 374 милиони евра за 57 километри автопат а подоцна како се продолжуваа роковите така да расте и неговата цена која достигна 598 милиони евра. . На крајот на минатата година ресорното Министерство ангажираше експерт за Фидик-договори задолжен да направи анализа на Договорот за изградба на автопатската делница. Ангажираното вешто лице доставило извештај до Владата во која се посочуваат три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Синохидро“, продолжување на договорот со пенали и како трета опција целосно раскинување на договорот.

Претходно претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски изјави дека новиот собраниски состав ќе одлучи на кој начин ќе продолжи проектот за автопатот Кичево-Охрид, како што рече, дали со истиот изведувач или на крај ќе се бира изведувач којшто има покажано дека може да направи пат.