Таравари ветува чудни работи, идната Влада ќе ги покривала долговите на граѓаните земени за брзи кредити

Претседателскиот кандидат Арбен Таравари денеска ја посети Струга, каде разговараше за различни прашања во заедницата, почнувајќи од здравствените работници до граѓаните.Тој изрази загриженост за коцкањето и штетните практики на банките.

„Денеска имавме посета на градот Струга и населените места во Струга. Средбата ја започнав со моите колеги, лекари од Струга, со кои разговаравме за ВЛЕН програмата за здравство, како тие ги гледаат проблемите, како може да се подобрат и како може да се најдат решенија за здравството во Република Северна Македонија. Потоа продолживме со средби со граѓани, мали и средни бизниси. Бев сведок на големиот број на казина во Струга, како и на банките за брзи кредити, а колку тоа и наштетува на економијата на граѓаните на Струга. Ние како коалиција ВЛЕН во идната влада веднаш ќе преземеме итни мерки за забрана на коцкањето во Северна Македонија како што се случи во Косово, но и за стопирање на работата на брзите банки кои нанесуваат голема штета на буџетот на граѓаните. Сериозно ќе им помогнеме и на граѓаните кои имаат долгови кон овие банки, овие долгови да ги покрие државата или владата“ рече Таравари.