„Танец“ организира комеморација за својот солист Далибор Ѓошиќ

Утре, петок, 20 октомври 2023, во просториите на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ќе се одржи комеморација по повод смртта на неодамна починатиот истакнат пејач од прв ред – солист, Далибор Ѓошиќ.

Настанот е закажан за 11:00 часот и е отворен за јавноста.

Далибор Ѓошиќ почина на 10 октомври во Скопје, на возраст од 41 година, после кусо и тешко боледување.

Својот професионален стаж го помина во НУ Танец, каде оствари бројни настапи, дома и надвор. Покрај изведбите на традиционални македонски песни, тој реализираше и бројни фестивалски настапи, со квалитетни новосоздадени фолклорни напеви, од кои голем дел беа негови авторски композиции. За само 16 години поминати во „Танец“, Ѓошиќ оствари 363 концертни настапи, во вкупно 23 држави во светот.