Студентите на испити со маски и ракавици и на растојание

Во просториите каде се спроведуваат испити за студентите сите присутни задолжително треба да носат маска на лицето и ракавици, пишува во Протоколот кој го усвои Владата за високообразовните институции кој се однесува на полагање на испитите.

Во предавалната, амфитеатарот или која и да е просторија каде се полага факултетот мора да ги означат местата каде ќе биде дозволено седење.

„Доколку испитот се полага усно, помеѓу секој термин, односно распоред за усно полагање на испит потребно е да има пауза во траење од најмалку 10-20 минути. Доколку испитот се полага писмено високообразовната установа постапува или ги реди масите/клупите за полагање во просториите/салите, определени за таа намена, кои треба да овозможат најмалку 2 метри оддалеченост меѓу присутните во просторијата, односно студентите и носење заштитни маски, одржување на физичко растојание, редовно дезинфицирање на рацете“, се дел од мерките во Протоколот.

Секој факултет ќе треба да одреди лице кое ќе врши дезинфекција, а средства за дезинфекција на обувките и рацете ќе мора да се постават на влезовите, како и едукативни материјали за превенција.

Пропишано е и почесто проветрување на просториите и дезинфекција на предметите кои се користат за испити.