Стојкоски: Го решаваме деценискиот проблем на улицата „Радушка“ во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров во изминатите две години речиси целосно ја урбанизираше една од најстарите улици во општината – улицата „Радушка“. Во насока на целосно заокружување на нејзина репарација, градоначалникот Александар Стојкоски денеска изврши увид во нова серија градежни работи, или реконструкција на патот од последна „5“ до гробишта во должина од 490 метри, извести општина Ѓорче Петров.

„После долгогодишни барања од граѓаните, освен што во овој дел на Ѓорче Петров поставивме нова фекална и атмосферска канализација, на оваа улица работевме и на реконструкција на краци, како и на поставување нови тротоари“, информираше Стојкоски.

Граѓаните од Дексион, додаде, долги години упатуваа барања до Општина Ѓорче Петров за санација и репарација на ул.„Радушка“ онаму каде што беше неопходно.

„Ние веднаш покажавме слух за нивните барања и излеговме на терен. Точно е дека имаше итна и неодложна потреба за интервенција и токму затоа се уште сме на терен на „Радушка“, истакна Стојкоски.

Проектот за реконструкција на патот од последна „5“ до гробишта кој е во соработка со Министерството за транспорт и врски е во вредност од 17.400,000 денари, соопшти општина Ѓорче Петров.