Се поставува фекална канализација на улицата „Радушка“ во скопско Ѓорче

Во општина Ѓорче Петров започнаа градежните работи на улицата „Радушка“ за поставување фекална канализација на крак 4, во должина од 740 метри, со што се решава уште еден децениски проблем на жителите на Ѓорче Петров.

Проектот е финансиран со средства од Буџетот на Општина Ѓорче Петров во износ од 6 милиони денари.

На увидот на работите вчера, освен градоначалникот, присутни беа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник од ИЕ 2 Владо Мисајловски, како и пратеникот Бојан Стојаноски од ИЕ 2 од ВМРО-ДПМНЕ.

- Локалната власт во овој мандат имаше разбирање за проблемите на граѓаните од овој дел на општината, кои долги години бараа санација на ул.„Радушка“ и подземната инфраструктура, веднаш излеговме во пресрет со работа на терен. Во изминатите 2 години, поставени се фекална канализација во должина од 1400 метри и атмосферска канализација во должина од 1091 метри, а на оваа улица работиме и на реконструкција на краци, како и на изградба на нови тротоари и улично осветлување, порача градоначалникот на општината Александар Стојкоски. 

- Неодамна стартувавме нова градежна офанзива – отпочнавме со реконструкција на патот од последна „5 “ до гробишта во должина од 470 метри. Проектот е во вредност од приближно 17.400,000 денари, а во завршна фаза е изборот за најповолен понудувач за финалната трета фаза во должина од 1200 метри, дополни тој. 

Преку Развојната програма, општината има обезбедено и финансии во вредност од 30.000,000 денари за доизградба на преостанатиот дел од ул. „Радушка“ од патот за гробишта до ул. „4 Јули“ во должина од 1.091 метри, проект кој ќе биде навремено реализиран.

Како што рече градоначалникот, тоа ќе биде последниот градежен чекор со кој целосно се завршува со процесот на реконструкција на една од најстарите улици во Ѓорче Петров.

- Нашите заложби се урбано и модерно Ѓорче. Тоа е наша парола која неуморно работиме да ја постигнеме. Нам граѓаните ни се најважни и нивните барања се секогаш наш приоритет. Така и ќе продолжиме, дециден е градоначалникот ветувајќи дека следуваат проекти кои ќе донесат нов изглед на Ѓорче Петров и со кои конечно ќе се затворат децениски проблеми на граѓаните.